Денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ ја посети читалната “Славко Јаневски“, кадешто донираше околу 100 нови книги.
“Сакам уште еднаш да потенцирам дека читалните не ги затвораме, како што имаше шпекулации во јавноста. Општина Центар не само што ќе продолжи финансиски да ги поддржува, туку и понатаму ќе работиме на збогатување на книжевниот фонд“, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Со над 8000 наслови, двете читални “Славко Јаневски“ и “Ацо Шопов“ се од големо значење за жителите на Центар, особено за младите кои секојдневно ги користат овие простори. Во читалните редовно се одржуваат изложби, промоции на книги и останати културни настани.
Богдановиќ денешната прилика ја искористи и за да подели нови членски карти од читалните на дел од учениците од училиштето “Гоце Делчев“ за да тие и во иднина ги користат нивните услуги.