Со објавувањето на лажната вест и спинот креиран на социјалната мрежа за Александар Герасимовски, што беше пласирана преку некои портали без да се провери согласно новинарските стандарди, направена е штета на угледот на МЕПСО, велат во денешното соопштение од МЕПСО.
– Во овој случај, е направена штета на угледот на МЕПСО, а веста е лажна затоа што беше злоупотребено името на машински инженер, кој не конкурирал на јавен оглас за работно место на кое се бара правник. Злоупотребен е медиумскиот простор од несовесни лица, кои злопотребуваат јавна сфера за спинови, креирање и пласман на лажни вести кои штетат најмногу на довербата на новинарската заедница, но и на сите засегнати правни и физички лица, посочуваат од МЕПСО.
Во дел од медиумите беше објавено дека скопјанецот Ѓерасимовски е еден од најдобрите студенти на УКИМ од генерацијата што дипломира во 2016/2017. Дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје со просек 9,95 и имал само две деветки. Но, Александар Ѓерасимовски не дошол лесно до работно место. Бил одбиван од многу приватни и државни компании, но и од програмата за вработување на најдобрите студенти во државни институции.