Со задоцнување од 15 минути почна вториот и последен ден од расправата на пленарната седница во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, што ќе кулминира доцна вечерва со гласање на пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
За расправа се пријавени 206 пратеници, а во текот на вчерашниот ден збор зедоа 58. За целиот процес на изјаснување и дебата да оди побрзо потпретседателот на парламентот времето за обраќање од седум го скрати на шест минути. Освен пратениците, говор ќе одржат и министрите од владата, а откако ќе се исцрпи целиот каталог, пред самото гласање збор ќе земат и лидерите на политичките партии.
Последни ќе се обратат претседателот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис и грчкиот премиер Алексис Ципрас и се очекува двајцата да ги повторат и потенцираат нивните аргументи „против” односно „за” Договорот од Преспа.
По говорот на Ципрас, ќе следи и јавното гласање со прозивање на секој од 300-те пратеници.
Паралелно со расправата, за попладневните часови во центарот на Атина, закажани се и протести против Договорот од Преспа.