„Слободата на медиумите е неопходен услов за демократски избори, тие мора да бидат слободни за да ја информираат јавноста без политички или економски притисок “, заклучи Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) , истакнувајќи дека” изборот на гласачите не е навистина слободен, ако не е добро информиран избор ” , јавува дописникот на МИА од Стразбур.
По предлозите на Ѓулсен Билгехан (Турција, Социјалистичка група), известувачка по ова прашање, ПССЕ ги повика земјите-членки „да ја разгледаат нивната регулаторна рамка за медиумско покривање на изборните кампањи”, вклучувајќи ја и обврската за медиумите од радиодифузијата да ги покријат изборните кампањи „на фер и непристрасен начин”, обезбедувајќи опозициски партии да имаат балансирано покривање на програмите.
Во дебатата по ова прашање, шефот на македонската собраниска делегација Бетиан Китев, нагласи дека „многумина сметаат дека секојдневното претставување на настаните не е на висината на квалитетното новинарство.” Според него „медиумите треба да најдат правична рамнотежа меѓу интересите на граѓаните за демократијата и реалноста на потрошувачката култура, грижејќи се првите да не бидат жртвувани за вторите.”
Тој притоа особено инсистираше на улогата на социјалните мрежи, кои ја имаат предноста веднаш да дојдат до милиони луѓе, дозволувајќи им да шират информации и мислења. „Но, тоа им дава одговорност. Третманот на прашањето за објективноста на медиумите мора да води сметка за важноста на вистината и демократските вредности. Медиумите не треба да дозволат нивните деловни интереси да ги надминат барањата на граѓаните за демократијата”- нагласи Китев.
Во усвоената резолуција од ПССЕ, се вели дека „треба да се гарантира уредувачката независност на медиумите од јавниот сервис, ставајќи крај на секој обид да се влијае врз нив или да се претворат во владини медиуми.”
Забележувајќи ја промената во медиумскиот пејсаж со проширувањето на онлајн медиумите и зголемената улога на социјалните медиуми, парламентарците исто така веруваат дека државите треба да спроведат ефективни стратегии за заштита на изборниот процес од манипулирање со информации и непотребна пропаганда преку социјалните медиуми.
Во врска со овие нови медиуми, тие предложија мерки како што е развојот на специфични регулаторни рамки за интернет содржини за време на изборниот период и воспоставување на јасна правна одговорност за медиумските претпријатија кои објавуваат нелегални содржини, штетни за кандидатите. Сепак, државите треба да ги ограничат екстремните мерки, како што е блокадата на цели сајтови, смета ПССЕ.
На крајот од резолуцијата се препорачува медиумските организации да развијат рамки за саморегулирање со професионални и етички стандарди за покривање на кампањата. Посредниците на нтернет, треба да соработуваат со граѓанското општество и организации од сите политички тенденции кои се специјализирани за верификација на содржината, така што сите информации ќе бидат потврдени од извор на трети лица со авторитет.