Спорните вакцини МРП ќе се уништуваат на Дрисла

Вакцините МРП кои имаат декларации со поминат рок до утре ќе бидат уништени. Агенцијата за лекови донела решение за уништување на повеќе 600 вакцини на кои беа залепени декларации со поминат рок, а наредбата е доставена до добавувачот. Вакцините ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

За скандалот со вакцините „Македонија лек“ веројатно ќе се соочи со максималната казна од 50.000 евра. Одговорност ќе се бара и од директорите на здравствените домови и од вработените во вакциналните пунктови. Министерството за здравство ја разгледува можноста да ја дисквалификува компанијата за следниот тендер за набавка на вакцини.

Поради епидемијата на морбили, сè уште трае забраната за скопските градинки да не згрижуваат деца што не се имунизирани со ваква вакцина, согласно задолжителниот календар за имунизација. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат укажаа дека нема отстапување по решението, односно дека во градинките се примаат само вакцинирани деца.

Последен случај со регистриран заболен од морбили е здравствен работник од Тетовско што работи во Скопје, информираат од Центарот за јавно здравје Тетово. Според нивните податоци, случајот бил забележан минатиот петок, а заболениот е на домашно лекување.

Од Центарот велат дека во тек се контроли на сите вакцинални пунктови во регионот кои се под нивна надлежност за утврдување невакцинирани и нецелосно вакцинирани лица со пропишаните две дози на вакцината МПР за превенција од морбили.

Најавија дека комплетниот извештај за овие состојби ќе биде готов следната недела, но и оти според досега добиените податоци најголем дел од невакцинирани лица, пред сè деца, се од подрачјето на град Тетово особено на пунктот за претшколска медицина.

-За сите лица за кои ќе има податоци дека не се вакцинирани делумно или целосно, веќе им се испраќаат покани да дојдат и да го сторат тоа во соодветните вакцинални пунктови. Најголем дел целосно невакцинирани се деца од предучилишна возраст, додека на поедини пунктови и особено кај школската популација од прво одделение ревакцинирањето тече нормално, без одбивање, информираа од Центарот за јавно здравје Тетово.

 

Треба да знаете
Последни објави