Сојузот на стопански комори на Македонија предлага да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за извозно ориентираните компании.
Потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Габриела Кулебанова на денешната прес-конференција рече дека според податоците од Државниот завод за статистика во Македонија само 3.500 компании извезуваат. Тоа е пет отсто од вкупниот број на активни трговски друштва во државата или 71.419 официјално регистрирани во 2017 година. Најголем дел од фирмите кои извезуваат или 2.835 се микро и мали комапнии, а само 110 од извозниците се големи компании кои имаат над 250 вработени. Но, иако се мал број, големите извозни компании создаваат и најголем дел, односно 80 отсто од вкупниот извоз на државата.
– Ова јасно покажува дека најголем дел од македонските компании, пред се малите и средните претпријатија немаат можности за инвестирање во иновации и технологии и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да остваруваат извоз. Во насока на стимулирање на иновативноста и технолошката конкурентност постојат повеќе мерки како даночни ослободувања за модернизациа и нови технологии, користење одредени фондови за набавка на нова опрема, како и стимлуирање на партнерства со странските инвеститиори кои во голема мера може да пренесат знаење и внес на нови технологии кај домашните компании, изјави Кулебанова. Додаде дека е потребно поагресивно да се стимулира воведување и примена на новите технологии и да се наградува ангажирањето на домашните иноватори.
Таа посочи дека Македонија во изминатата деценија има забележителна промена во извозната структура и зголемување на извозот, но е далеку од едно потребно ниво за да може да се зборува за конкурентно стопанство и развиена економија.
Кулебанова рече дека Македонија најголем дел од извозот го прави со производи со ниска додадена ведност, односно тоа се полупроизводи произведени во трудоинтензивните индустрии. Извозот од Македонија го преземаат странски компании кои, како што рече, отворија фабрики во слободните економски зони, кои најмногу извезуваат во делот на автомобилската индустрија, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили…Најголемиот извозник од Македонија прави 32 отсто од вкупниот извоз на државата.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, за периодот јануари – ноември 2018 вкупниот извоз е над пет милијарди евра и бележи пораст од 16,7 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Даниела Николовска, компанија член на Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека како мала економија треба да се насочиме кон тоа како да ја искористиме нашата интелигенција со примена на иновации и технологија.
– Квалитетните и оригинални производи, убава амбалажа, стандардизација, добра дистрибуција и подготвеност да се задоволат специфичните барања на купувачите, како и следење на истражувањата и трендовите во одредена индустрија, тоа е еден од најголемите аспекти за зголемувањето на побарувачаката и извозот, рече Николовска.
Најголем трговски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на Македонија се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.