Покрај забраната на неконтролирано размножување и обавезната кастрација на сите женски единки ако не регистрирате одгледувачница, со новиот Закон за благосостојба на животни доаѓа уште еден шок а граѓаните. Строга забрана на продажба на кучиња и мачки во продавници за домашни миленици и на продажба на домашни миленици на малолетни лица. Така ако планирате на некое малолетно лице да му купите некое домашно милениче побрзајте додека законот не стапил на сила.
Решавањето на проблемот со бездомните животни бара мултисекторски пристап и соработка меѓу институциите на системот, невладините организации и локалните самоуправи и налага преземање на законски дефинирани мерки и спроведување на активности со кои конечно ќе се стави ред и ќе се реши овој децениски проблем- велат во Агенцијата за храна.
-Предложените измени на Законот за заштита и благосостојба се во насока на подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, со цел намалување на бројот на бездомни кучиња”. Новините кои сега се предлагаат се во насока на унапредување на заштитата и благосостојбата на животните, пред се на поставување на основа за решавање на проблемот со бездомните кучиња и реалната опасност од нивното неконтролирано размножување. Комисијата за благосостојба во рамки на Агенцијата, даде виза на предложените законски измени. По нивното донесување ќе се донесат и правилниците за одгледувачниците и за продавниците за домашни миленици, но и други подзаконски акти кои произлегуваат од овој закон – вели директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов.
Кампањата за бесплатно микрочипирање на домашните миленици е во тек, рече тој и е една од мерките кои ги презема Агенцијата за олеснување на контролата за заокружување на концептот на одговорното сопствеништво и решавање на проблемот со бездомните кучиња.
-Дадени се задолженија на општините за воспоставување на соодветен систем за контрола на популацијата бездомни кучиња. Агенцијата активно работи на одобрување на прифатилишта. Досега се одобрени девет, а во постапка на решавање се уште две прифатилишта за бездомни животни. Одобрени од Агенцијата се две од дваесеттина доставени програми од општините за справување со популацијата бездомни животни. Доколку не се постапи по задолжувањата која нашата институција ги даде на локалните самоуправи во овој дел, ќе има и казни – рече Атанасов.
Со предложените измени се врши унапредување на одредбите во однос на контролата на популација на бездомни кучиња па така секој сопственик кој држи две или повеќе репродуктивно способни женки од видот куче ќе треба да се регистрира како одгледувачница, а физичкото или правно лице кое има една репродуктивно способна женка, согласно измените ќе биде евидентиран како регистриран одгледувач на куче. Директорот Атанасов, појасни дека идејата на вака предложените законски измени е да се воспостави контрола на неодговорното сопствеништво како извор на досегашното неконтролирано размножување на кучињата и да се постави основата за вршење на инспекциска контрола и на сопствениците на кучиња.
Со предложените измени, сопствениците кои држат репродуктивно способни женски кучиња ќе имаат обврска да го стерилизираат својот миленик доколку не се регистрираат како одгледувач на куче или не регистрираат одгледувачница, што во голем дел ќе придонесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците. На овој предлог, претставниците на невладините организации за заштита на правата на животните и одгледувачите на расни кучиња и предложија со оваа мерка да бидат опфатени и машките единки.
Регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластено ветеринарно друштво, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на регистрираните одгледувачи на куче и одгледувачниците кои со предложените законски измени имаат обврска да водат евиденција за милениците.
Новина во законските измени е можноста за вклучување на здруженијата за заштита и благосостојба на животните во носењето на Годишниот план за спроведување на активностите, бришењето на одредбите кои се однесуваат на прогласување на куче за опасно врз основа на расата и расните карактеристики, како и давањето на надлежности на Државниот комунален инспекторат општинските комунални редари и инспектори за вршење на контроли во поглед на одговорното сопствеништво.
Законот предвидува повисоки казни и за неодговорното сопствеништво, за физичките и правните лица кои нема да се регистрираат како одгледувачи, како и казни за неконтролирано размножување на кучињата.
Габриел Стибел од Кинолошкиот сојуз на Македонија на трибината посочи дека како држава мора да водиме сметка за генетскиот потенцијал на кучињата кои се чуваат во руралните средини како овчарски кучиња. Неопходно е и оваа популација кучиња, рече тој да биде ставена во системот на евиденција.
Претставникот на ловечката федерација на Македонија предложи место стерилизација на кучињата да се воспостави систем на ДНК анализа и креирање на база со податоци за секој миленик, што според директорот Атансов е прифатливо, но, како дополнителна мерка. Примарно, истакна тој, во овој момент треба да бидат мерките кои ќе бидат насочени кон стерилизација/ кастрација на репродуктивните единки, или регистрирањето на одгледувачница или регистрирањето како одгледувач на куче и создавањето на база за следливост на милениците.