Фејсбук планира да ги спои услугите за испраќање и примање пораки на „Ватсап“, „Инстаграм“ и „Фејсбук месинџер“ во една услуга, објави „Индепендент“. Спојувањето, како што се наведува, би требало да се случи во почетокот на следната година.
Секоја апликација и натаму ќе постои самостојно и ќе има свои индивидуални карактеристики, но платформата за размена на пораки ќе им биде заедничка. Идејата за овој чекор е подобрување на комуникациите меѓу милијарди корисници на различни апликации во сопственост на Фејсбук.
Извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг, според наводите, наредил секоја порака преку апликација да биде криптирана од крај до крај, односно, да биде невозможно на било кој да му биде пресретната пораката.
Портпаролот на компанијата рекол дека Фејсбук сака да постигне најдобро можно ниво на размена на пораки, а корисниците сакаат тој процес да биде брз, едноставен, доверлив и приватен.