Претставниците на српските опозициски партии денеска на заедничка средба се договорија да ги продолжат разговорите со цел опозицијата во наредниот период да излезе со конкретна платформа за да одговори на барањата на организаторите на граѓанските протестите во Белград и низ цела Србија.
Како штојави дописникот на МИА од Белград, во соопштението од средбата се наведува дека претставниците на опозицијата разговарале за барањата на учесниците на протестот „1 од 5 милиони” упатени до нив и решиле и натаму да продолжат да бидат составен дел на овие протести.
– Учесниците заклучија дека протестот покажаа единство против кое (претседателот на Србија Александар) Вучиќ нема одговор и дека сега опозицијата треба да покаже одговорност и тоа зеднички политички да го артикулира се додава во соопштението.
На состанокот на опозицијата присуствуваа претставници на опозицискиот блок Сојузот за Србија, Демократската партија на Србија, Да не го давиме Белград, Движењето на слободни граѓани, Новата партија, Граѓанската платформа, Социјалдемократската партија и Партијата за модерна Србија, како и неколку независни пратеници.
Денеска околу 300 професори од универзитетите во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагувац и од други факултети им дадоа подршка на барањата на учесниците на протестите во Белград и другите градови во Србија.
На овие барања им се придружија и околу 100 адвокати од цела Србија.
Инаку, вечерва протести беа одржани во Ниш и во Нови Сад.