За рурален туризам потребна е системска поддршка и едукација на населението

За почнување и развој на рурален туризам неопходна е системска поддршка од локалните и националните институции, решенија во законската регулатива, програми и мерки, изготвување нова локална и национална стратегија за рурален туризам, како и едукација за начините и можностите за искоритување на фондовите за поддршка на руралниот туризам. Ова е заклучокот од денешната едукативна работилница за поддршка и развој на руралниот туризам во Струшко „Рурална кохезија-интегрирано дејствување за развој на руралниот туризам” организирана од здруженијата креативен центар „Рурбанкулт” и пчелари „Матица 2012″ од Струга во рамките на проектот „Органска фарма – рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој”.

Целта на работилницата, според координаторот на проектот Зора Кленкоска, е едукација на населението во Струга и струшко за начините и можностите за развој на руралниот туризам и подигање на свеста дека формите на рурални дејности поврзани како инегрирани активности претставуваат потенцијален приход и одржлив економски развој во руралните средини.

-Ова е еден вид обука на локалното население за отварање сместувачки капацитети кои ќе понудат автентично сместување, со локална гастрономија и сплотување на посетителите со локалниот начин на живот во руралните средини. Зошто, токму овие вредности се тренд во побарувачката на туристички услуги во руралните средини и се интерес од страна на новите патувачи и истражувачи, посочи Кленкоска за МИА.

Струга и околината, нагласи, имаат одлични услови за развој на квалитетен туризам, како за езерски така и за алтернативен.

-Рурална Струга со својата недопрена природа и природни богатства претставува магнет за оние кои сакаат да ја доживеат природата и хармонијата. И секако, руралните туристички понуди и услуги се базираат на овие природни убавини, но и на антропогеното и културно наследство, традиционалните ресурси и производи, кои согласно глобалниот тренд во последните децении во руралниот туризам нудат сериозни можности за развој на оваа гранка, истакна Кленкоска.

Но, таа забележа дека во стандардните пакети на туристички понуди и услуги треба да се актуелизира и вклучи и алката селски туризам или туризам на фарма, кој автентично го доловува или исполнува пакетот туристички услуги во руралната средина.

-Месното насление треба се повеќе акцентот да го става на развојот и зголемувањето на локалното органско производство на здрава храна и нејзината понуда како туристички производ. Овој вид алтернативен туризам се одвива во селските стопанства чија егзистенција се темели на земјоделството, а вишокот на своите производи го пласираат низ новиот продажен канал-туризам, посочи Кленкоска.

На работилницата беше презентиран и материјал за промоција на руралниот туризам во Струшко, подготвуван во текот на реализација на проектот „Органска фарма – рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој”.

Треба да знаете
Последни објави