ЦСКА Москва го победи домаќинот Барселона со 84:76 (44:41) во средба од 20-тото коло на Евролигата во кошарка за мажи. Со 15-от успех во кампањата, Русите се зацврстија на третото место на табелата. Нандо Де Коло заврши со 25 поени, вклучувајќи рекордни во кариерата 7 тројки во натпревар од турнирот. Никита Курбанов придонесе со 17 поени и 5 скока. Виктор Клавер беше најуспешен кај Каталонците со 17 поени.
Дуелот беше многу неизвесен со повеќе од 30 смени на водството. Барселона имаше предност од 68:67 во средината на последната четвртина, но ЦСКА направи серија од 10:1 во поени, со кои поведе со 77:68 и во последната минута и половина не допушти пресврт. Шпанците го заземаат петтото место со 11 победи и 9 порази.
Баерн Минхен израмни негатива од 18 поени на гостувањето кај Химки и стигна до победата со 71:60 (35:40) при дебито на турнирот на новиот тренер на Русите – Римас Куртинаитис. Германците ја загубија првата четвртина со 10:28, но до крајот доминираа, за да запишат десетти успех во кампањата, со што се искачија на седмото место во рангот.
Клучна за успехот за гостите беше серијата од 16 поени во третата четвртина, по која тие поведоа со 53:46 и до крајот не ја испуштија предноста во резултатот. Најдобар за Химки беше Малком Томас со 13 поени и 10 скока. Дерик Вилијамс беше најпрецизен за Германците со 20 поени.
Последниот во пласманот, Дарушафака постигна трет успех сезонава по 80:75 (45:47) над гостите Басконија. Тони Даглас се истакна со 21 поен, 6 скока и 5 асистенции за турскиот тим, а Мајкл Ерик придонесе со 18 поени и 5 скока. Мет Џанинг беше најпрецизен за Шпанците со 18 поени, а Јоханес Фојгтман додаде 14 поени и 11 скока.
Будучност регистрира трет успех по ред откако триумфираше со 75:70 (36:38) над Гран Канарија во Подгорица. Двата тима останаа во долната половина на табелата со по 6 победи и 14 порази. Норис Кол имаше учинок од 20 поени, 5 скока и 5 асистенции за Црногорците.
Резултати од 20. коло на Евролига:
Химки (Русија) – Баерн Минхен (Германија) 60:71
Дарушафака (Турција) – Басконија (Шпанија) 80:75
Будучност (Црна Гора) – Гранд Канарија (Шпанија) 75:70
Барселона (Шпанија) – ЦСКА Москва (Русија) – 76:84
Во четвртокот:
Фенербахче (Турција) – Олимпијакос (Грција) 90:75
Макаби Тел Авив (Австралија) – Панатинаикос (Грција) 84:75
Олимпија Милано (Италија) – Жалгирис (Литванија) 80:70
Реал Мадрид (Шпанија) – Анадолу Ефес (Турција) 92:84
На табелата води Фенербахче со 18 победи / 2 порази, пред Реал Мадрид 16/4, ЦСКА Москва 15/5, Анадолу Ефес 13/7, Олимпијакос 12/8, Барселона 11/9, Баерн Минхен 10/10, Олимпија Милано 9/11 итн.