Неизмерна тага ja зафати денеска Шпанија, откако се прошири веста дека извлечено е безживотното тело на 2-годишното момче Јулен, кое пред 13 дена падна во бунар со длабочина од 71 метар. Бидејќи дупката имала дијаметар од само 25 сантиметри, спасувачите не можеле самостојно да се спуштат до двегодишното дете. Околу 300 работници деноноќно беа ангажирани за што поскоро да го извлечат Јулен и покрај малата можност да го најдат жив.
Момчето паднало во бунарот во близина на фарма во областа Тоталан во јужниот дел на Шпанија, каде што било на излет со своите родители.
Инженерите во тешки околности ископаа дупка веднаш до онаа во која паднало детето, а потоа од неа пробиле четири метри долг тунел до другата дупка, за да дојдат до момчето.
Иако изгледите да го поронајдат Јулен жив биле мали, сепак никој не се откажал, ниту изгубил надеж.
Откако во саботата, околу 1:30 часот по полноќ спасувачите конечно го нашле безживотно тело, тага ги преплави луѓето низ цела Шпанија кои речиси две недели до детали го следеа случајот.
„Неговата болка е нашата болка“, рече на прес-конференција Алфонсо Родригез Гомез де Селис, претставник на Владата на Андалузија, покраина каде што се наоѓа местото Тоталан.
Додека родителите на момчето во неизвеснот чекале информации од спасувачките тимови, стотици граѓани од сите делови на земјата испратиле пораки за охрабрување.
„Се разбудив во 5 часот наутро размислувајќи за Јулен. Ја прочитав веста, а очите ми се наполнија со солзи. Не можеа да го пронајдат жив, но беспоштедната заложба на спасувачите ми дава утеха“, напишал извесен Рафаел Гарсија.
Кралскиот дворец во Мадрид се придружи во тагата на шпанските граѓани.
„Нашата болка е длабока. Искрено сочувство до семејството на Јулен. Оддаваме признание на сите оние кои неуморно се обидуваа да го спасат и покажаа солидарност без граници“, се вели во соопштението на кралската палата.