Немањето работници и намалените површини најголем проблем за преработувачката индустрија

Конзервната индустрија во Македонија се соочува со недостиг од суровини, но и работници. Тоа, сметаат вклучените,  негативно ќе влијае на работењето на оваа индустрија.

Сопственикот на конзервната фабрика „Агро-комерц 92″ и поранешен претседател на Здружението на производители од конзервната индустрија, Киро Јовев, смета дека има зголемен пласман, но евидентен е и недостигот од суровини.

-Тоа што го работиме во овој период, како што е полнење феферони, гамби и цвекло, е случајно. Факт е дека е намален бројот на работниците во преработувачката индустрија. Едноставно нема работници, вели Јовев.

За него излез од ваквата состојба е постигнување договори со добавувачите однапред и да се знае колку ќе се произведе.

-Мораме да ги обезбедиме и суровините однапред и да ги натераме земјоделците да произведуваат за нас со сигурни откупни цени, односно да произведува земјоделецот за мене, а не како досега да чекаме, додава Киро Јовев.

Смета дека производството не треба да сведува на вештачка понуда и побарувачка, како што беше пред некое време во Струмичко кога цената на зелката заради снегот се зголеми од осум на 20 денари.

-Тоа не е начин на работа. Исто така, и во нашиот сектор има и нелојална конкуренција, која ги урнува постигнатите цени, смета Јовев.

Тој не е оптимист, бидејќи немањето работници во оваа дејност и намалените површини може многу лошо да влијае на вкупното работење во овој сектор.

Од конзервните фабрики во Гевгелија наведуваат дека минатата година имале намалено производство, а како проблем во работењето ја наведуваат и нестабилната и за нив превисока цена на црвената нафта.

Во споредба со 2017 година, кога заедно произвеле преку 20 милиони стакленки и лименки, од производите што главно ги пласираа на пазарите во земјите членки на ЕУ, САД, Канада и Австралија, изминатата 2018 година ја завршиле со околу 14 милиони стакленки и лименки, односно со намалена продукција од 30 отсто.

Овој податок го темелат на нестабилната и за нив превисока цена на црвената нафта, што вчера пак скокна за 3,5 денари, како и на покачувањето на цените на суровините, што исто така извршиле негативно влијание врз обемот на производството.

Во овој дел од годината, производствените капацитети на конзервните фабрики мируваат, односно се подготвуваат за наредната сезона за која се уште не се изготвени производните планови.

– Ако цената на нафтата продолжи како лани полека, но сигурно, да оди нагоре и доколку во државата продолжи трендот на економија што не се грижи за приватниот сектор, не само што производството ќе продолжи да се намалува, туку постои голема веројатност да дојде и до намалување на бројот на вработените, ситуација што лично најмалку ја посакувам, изјави Томче Кичуков, сопственик на фабриката „Хи-На” од Гевгелија.

Во објавените податоци од Државниот завод за статистика оценките на раководителите  од компнаниите од преработувачката индустрија економската состојба на деловните субјекти во преработувачката индустрија во декември 2018 година е поповолна во однос на претходниот месец, како и во однос на декември 2017 година.

Според овие анализи, оценката, пак, за состојбата за обезбедност на производството со порачки во декември 2018 во однос на ноември 2018 година, е поневолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, залихите на готовите производи се намалени во однос на ноември 2018 година, а се очекува и бројот на вработени да се намали.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недостигот на квалификувана работна сила со 28,8 отсто, недоволната домашна побарувачка со 14,7 отсто, недоволната странска побарувачка со 14,6 отсто и неизвесното економско опкружување со 10,4 отсто.

Треба да знаете
Последни објави