Шакалот кој е предатор, грабливец и лешинар се почесто напаѓа зајаци, срни фазани и еребици, но и незаштитени стада овци и кози, како и пердувеста живина по селата. Последниве две – три години толку многу се намножил што наместо чистач и одржувач на природната рамнотежа, станува опасност за ловиштата, велат од велешкото ловечко друштво „Руен”.
„Руен” до надлежното МЗШВ за опасноста од шакалот апелира од 2012 година.
Како што вели за МИА управителката на „Руен”, Анета Андова, од новиот закон за ловство кој е во фаза на донесување се очекува шакалот да биде прогласен за штетен дивеч. Со тоа ќе се дозволи негов отстрел. Со сегашниот закон е заштитен и за негово незаконско ловење е предвидена казна од 3.000 евра.
-Шакалот во зголемен број се појави во 2012-та, а последиве две – три години толку многу се намножи што претставува се’ поголема опасност за поситниот дивеч и птиците во ловиштата, како и за поситната стока во селата, предупредува Андова.
Таа информира дека во Велешко за опасност од шакали најмногу поплаки имаат од жителите од селото Отовица кое е во непосредна близина на велешкото езеро „Младост”. „Руен” тоа го констатира и од увидот на терен, но смета дека шакалите ги има и во поширокиот велешки регион и пошироко во земјава.
Андова појаснува дека за се’ поголема опасност од шакалите виновни се и луѓето кои создават диви депонии на кои исфрлаат остатоци од органско ѓубре, умрени животни и отпадоци од заклани животни. Тоа ги привлекува шакалите кои се пред се’ лешинари. Шакалот, според неа, лесно може да биде и е преносител на паразити и заразни болести.
-Затоа, како во соседните земји, во новиот закон за ловство треба итно да се прогласи за штетно животно. Со тоа ќе се дозволи негов отстрел. Тоа го бараат ловците, но и граѓаните кои секојдневно трпат штети, потенцира Андова.
Во постојниот Закон за ловство, трајно се заштитени мечката, рисот, дивата мачка, јазовецот, видрата, верверицата и други ретки животни и птици кои живеат во Македонија, меѓу кои и шакалот.