Кралскиот живот се перципира главно преку гламурот, невидено богатство, но зад кулисите на британското Кралско семејство не е секогаш едноставно. Строги правила на однесување, облекување, па и големиот број на забрани го прават кралското семејство често целосно изолирано од остатокот на светот, до тој степен во кој тие никогаш не можеле да уживаат во некои работи што ги прават обичните граѓани, нивните поданици.
Британскиот таблоид „Дејли Мирор“ состави листа од шест работи кои кралицата Елизабета Втора во 93 години од својот живот, од кои седум децении владење со британската монархија, никогаш не ги направила, а кои се составен дел од животот на обичните луѓе.
1. Никогаш не одела на училиште
Иако членовите на благородништвото денес се едуцирани во некои од најдобрите приватни училишта и универзитети, вклучувајќи ги и принцовите Вилијам и Хари кои гордо ги прикажуваат дипломите од престижниот Итон, кралицата Елизабета Втора никогаш не одела на училиште. Таа и нејзината сестра Маргарет беа школувани зад ѕидовите на замокот и имаа свои приватни учители, најдобри во земјата. Тие ја научиле историјата на монархијата и правото за да се подготват за државничките и кралски работи.
2. Не одела на состаноци со момчиња
Кралицата Елизабета Втора имала само 16 години кога „до уши се заљубила“ во принцот Филип во Кралскиот морнарички колеџ во Дармот, каде што тој беше кадет. Двајцата чекале додека таа не наполни 21 година за да ја објават врската. Биографот на кралицата, Роберт Лејси запишал како куриозитет дека кралицата е жена која само еднаш се вљубила и само еднаш се омажила . Таа никогаш не одела на состаноци и не знае како како изгледа кога ќе „пукне“ врската.
3. Кралицата никогаш не гласала
Иако не е експлицитно забрането, се смета за несоодветно за монархот да ја искаже својата волја на изборите. Затоа кралицата го прескокнала секој „празник на демократијата”, па во политичките прашања од тој вид морала да биде совршено ладна и неутрална.
4. Не била вработена
Ова не е толку неочекувано, но вреди да се спомене. Елизабета Втора никогаш немала работа со скратено работно време. Иако нејзините работни обврски често траат подолго од вообичаеното осумчасовно работно време, таа нема работно време и никогаш не била формално вработена.
5. Нема профил на социјалните мрежи
За волја на вистината, мал број на 93-годишници може да се пофали со профил на Фејсбук, но кога е во прашање кралицата Елизабета, постои малку поинаква причина зошто не користи социјални мрежи. На членовите на семејството, всушност, тоа не им е дозволено. Постојат индикации дека некои од нив имаат лажни профили како се уште би биле во контакт со реалниот свет, но тоа никогаш нема да биде официјално.
6. Никогаш не положила возачки испит
Возачките дозволи во Велика Британија се издаваат „во името на Нејзиното Височество“, па би било навистина смешно кралицата сама да си издаде возачка дозвола. Но, иако никогаш не полагала возачки испит, Елизабета знае да вози многу добро и често може да се види зад воланот на кралските лимузини. Наводно, научила да вози за време на Втората светска војна, а најмногу ги сака „Ленд Роверите“.