Ми претставува чест и задоволство на сите припадници на српската заедница во Република Македонија од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ да им го честитам големиот празник Свети Сава и да ви посакам здравје, мир, радост и благосостојба, се вели во честитката на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Како што вели тој, одбележувањето на Свети Сава значи почитување на неговото дело и мисла како трајни вредности, давајќи пример на сите кои живеат на овие простори.
Мицкоски додава дека со празнувањето на овој ден се потврдуваат заложбите за меѓусебно зближување и почитување.
„Со овој ден ние го негуваме меѓусебното почитување, учиме еден за друг и живееме еден со друг. Како одговорни и свесни граѓани на своите држави, но и како доследни припадници на своите народи, двете заедници даваат пример како треба да се гради довербата“, посочува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, денес реалноста е дека Србите од Македонија ја делат истата судбина како и останатите граѓани.
„Тежок живот, сиромаштија, обиди да се разединиме, притисоци. Безперспективноста и сиромаштијата силно ги разјадува темелите на нашето општество, ја ускратува иднината на многумина. Одземената иднина преставува трајна штета за сите. Затоа се потребни промени кои ќе донесат кохезија, иднина и сигурност“, смета Мицкоски кој повикува заеднички да се работи во градењето на просперитетна иднина за сегашните и идните генерации.