Кардиф и Нант „војуваат“ поради исчезнатиот Емилијано Сала

Исчезнувањето на Емилијано Сала само за момент го обедини фудбалскиот свет и искажаа поддршка за неговото семејство, кое упорно се обидува да собере пари за да ја продолжи потрагата по него. Ама Кардиф и Нант имаат друга борба за финансии – онаа за отштетата за неговиот трансфер.

 

Англискиот клуб се наоѓа во борба за опстанок во Премиер лигата, па се согласи да му плати 17 милиони евра на Нант за услугите на 28-годишниот аргентински напаѓач. Во меѓувреме, Сала исчезна заедно со авионот во кој беа тој и пилотот.

Поради тоа што Емилијано Сала го комплетираше трансферот во Кардиф и беше регистриран како нов играч на премиерлигашот, клубот е законски обврзан да ја исплати отштетата. Меѓутоа, англиските медиуми пишуваат дека Кардиф ја запрел исплатата на првата рата од 6 милиони евра, бидејќи има намера да го тужи Нант поради „небрежност“ заради тоа што Сала се враќаше оттаму кога исчезна неговиот авион.

Од друга страна, француските медиуми тврдат дека во целата приказна се вклучи и Бордо, кој го бара својот дел од исплатата бидејќи тоа е клубот каде Сала играше пред да направи трансфер во Нант пред четири години.

„Додека трае оваа драматична ситуација не сакам да разговарам за пари. Во овој момент не ни помислуваме на некаква правна постапка. Ќе видиме што ќе се случува подоцна“, рече Валдемар Кита, претседателот на Нант.

Кита лично донираше 6.000 евра за потребите на потрагата по Сала, а семејството на фудбалерот одлучи дека сака потрагата да трае додека не се најдат траги за авионот или Сала.

Треба да знаете
Последни објави