Министерството за здравство ги демантира, како што велат, невистините на ВМРО-ДПМНЕ и ја повикуваат партијата да престане да лаже и да ја злоупотребува јавноста.
„Внуката на министерот Филипче е вакцинирана во амбулантата ‘Идадија – Млин Балкан’ со вакцина ди-те-пер, онаа што ѝ следуваше во согласност со вакциналниот календар. Објавата од вакцинацијата на неговата внука е само личен пример со кои ги охрабруваме граѓаните да не се плашат од вакцинација и да докажеме дека вакцините за сите деца се безбедни“, реагираат од Министерството за здравство на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека министерот Венко Филипче во екот на епидемијата на морбили ги измами граѓаните и ја злоупотреби својата внука за политичка измама.
Од таму ги повикуваат сите родителите чии деца не се вакцинирани да го сторат тоа и повторно нагласуваат дека вакцините се комплетно безбедни, со проверен рок и од европски производител.