Полицијата уапсила седумина кои ограбиле винарија во Гевгелија, од каде украле близу 17.000 евра во денари и евра. Крадците биле откриени откако сакале да разменат во банка дел од банкнотите кои им изгореле додека со заварувач го отворале сефот.
Станува збор за Н.В (46) и М.Р (49), И.В (52), С.А (59), А.Х (25), Б.Ѓ. (53) сите од Скопје, како и Б.И (53) од Прилеп. СВР Струмица до ОЈО Гевгелија против дел од осомничените поднесе кривична пријава за тешка кражба, а за другите за помагање.
Според полицијата, кражбата се случила на 22.09.2018 година во времето од 1.30 до 3.30 часот во просториите на винарска визба во Гевгелија. Тогаш Н.В. и М.Р. влегле во кругот на визбата, а потоа и во објектот и во канцеларијата на благајникот. Потоа со помош на оксигенски заварувач се обиделе да ја отворат металната дводелна каса. Но откако не успеале да ја отворат металната врата, ја извлекле од нејзиното лежиште и со оксигенскиот апарат направиле отвор со дијаметар од околу 20 сантиметри. При тоа поради високата температува ги нагореле пластичните папки со документација, како и денарите во горниот дел од касата. Тие успеале да земат 640.000 денари, во различни апоени и 6.950 евра во различни апоени.
-По извршувањето на кражбата, М.Р. како награда на С.А. му дал пет делумно нагорени банкноти од по 1.000 денари да ги замени во Народна банка на Република Македонија. Тој на 24.09.2018 година во НБРМ поднел барање за нивна замена, а истите по три дена му биле заменети. Потоа на 05.11.2018 година, Б.И. отишол во НБРМ за да замени 172 делумно нагорени банкноти од по 1.000 денари. Таму се сретнал со Б.Ѓ, вработен во банката, кој го упатил банкнотите да ги замени преку менувачница во Скопје, каде работел А.Х., кој за награда од десет отсто се согласил да ги замени парите. Тој ги зел банкнотите, а на пријавениот Б.И му исплатил 155.000 денари во готово без да му издаде документ. Исто така, Н.В. на 11.12.2018 година на И.В и дал 13 делумно нагорени банкноти од по 1.000 денари, со цел да ги замени во НБ РМ. Таа наредниот ден ги пријавила банкнотите, но замената не била извршена, велат од МВР.
Полицијата во меѓувреме ги идентификувала и пронашла крадците. На предлог на јавниот обвинител во Гевгелија, од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Гевгелија на Н.В., М.Р. и Б.Ѓ. им е одредена мерка притвор во траење од 8 дена, додека на останатите им е одредена мерка на претпазливост „задолжително јавување во суд“.