Фејсбук најави нови алатки за ЕУ изборите

Социјалната мрежа Фејсбук најави дека ќе инсталира нови алатки за да се спречат надворешни влијанија врз европските избори за Парламент кои ќе се одржат во мај во цела ЕУ, јави дописничката на МИА во Брисел.

Ник Клег, директор на Фејсбук за јавни прашања, изјави пред новинарите во Брисел дека неговата компанија во март ќе започне со новите правила за рекламирање за следните избори.

-На крајот на март нови алатки за да се помогне во спречувањето на мешање во претстојните избори и да се внесе повеќе транспарентност во политичкото рекламирање на Фејсбук, најави Клег.

Европската комисија и земјите членки на ЕУ со месеци алармираат дека се загрижени од можни негативни влијанија преку Фејсбук, посебно по скандалот со Кембриџ Аналитика минатата година, кога се откри дека податоците на милиони корисници на Фејсбук биле хакирани за политички цели.

Клег најави дека сите што ќе сакаат да објавуваат реклами на социјалната мрежа за европските избори ќе мораат прво да добијат дозвола од компанијата, и ќе биде јасно обележано дека станува збор за платена политичка реклама.

-Сите политички реклами ќе бидат сочувани во библиотека до која јавноста ќе има пристап максимум седум години, објасни директорот.

Фејсбук ќе отвори и оперативен центар задолжен за „интегритетот на изборите” во Даблин во текот на пролетта.

Треба да знаете
Последни објави