Груевски ќе остане без пратеничка плата
Пратеник кој е правосилно осуден на затворска казна повисока од шест месеци го губи правото на плата и на други надоместоци. Тоа е суштината на измените
на Законот за пратеници што беа поднесени утрово по итна постапка во парламентот и веднаш се најдоа на дневен ред на денешната седница.
Предлагачи на измените се група пратеници од владејачкото мнозинство. Доколку законот биде усвоен тоа ќе значи дека правото на пратеничка плата ќе го изгуби поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе неколку месеци е во бегство во Унгарија откако беше правосилно осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.
Парламентарното мнозинство тогаш не обезбеди двотретинска поддршка за одземање на мандатот на Груевски, кому, по бегството, единствено, му беше одземен имунитетот по барање на Кривичниот суд за пет други случаи на СЈО за кои се водат постапки против него.
На поранешниот премиер му е одреден и притвор по повеќе основи, кој би стапил во сила по негово евентуално враќање во земјава. По бегството, парламентот единствено донесе одлука Груевски во иднина да се води како неоправдано отсутен во парламентот и да му се крати по пет проценти од платата за секои три последователни отсуства.
Можноста за одземање на мандатот на Груевски би можела да биде повторно отворена кога ќе се заокружат шест месеци од неговото бегство во Унагарија – во ноември минатата година. Но и тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство за одземање на неговиот мандат поради тоа што шест месеци отсуствувал неоправдано од работното место.