Токму скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е еден од симболите на корупција, која се прошири поради оваа партија. Со почнатите реформи, за само една година Македонија бележи напредок. Ваква е реакцијата на СДСМ пообвинувањата изнесени од опозицијата, а во однос на извештајот на „Траспаренси интернешнл“, според кој Македонија е на 93. место од 180 држави според нивото на корупција.
„Нема поголемо лицемерство од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупција кога токму нејзиниот скапоцен дворец, од каде што шири лажна загриженост, е симбол на корупција, криминал и расипништво. Поради 11-годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија стана заробена држава во која цветаа криминалот, корупцијата и неказнивоста. Доказ за тоа е се и судските процеси што се водат против високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и членови на претходното раководство. За разлика од таквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ почна сериозни реформи за вистинска, независна и неселективна борба против корупцијата“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Владејачката партија додава дека резултатите од реформите и промените во функционирањето на институциите веќе се забележливи и уште поинтензивно ќе се почувствуваат на долг рок. Факт е дека Македонија за еднa година, велат од СДСМ, од 2017 до 2018, има скок од 14 места и подобрување од два поена, што е навестување дека државата се движи кон одговорно, отчетно и транспарентно владеење со целосно почитување на прописите и законите.
„Потребата од суштинска борба против корупцијата е врвен приоритет за СДСМ и Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи. Во таа насока е донесениот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, со кој Македонија, конечно, добива силна и независна институција за борба против корупцијата.
Заврши времето на криминал, корупција и неказнивост, што беше одлика на владеењето на антинародната ВМРО-ДПМНЕ, денес, законите важат за сите еднакво и се воведува нулта толеранција кон корупцијата“, додава СДСМ во реакцијата.