Секој ден станува се појасно зошто Mакедонија е последна во Европа во однос на борбата против корупцијата и зошто држави како Свазиленд, Лесото или Руанда треба да ни бидат пример за правна држава, изјави денеска Блацига Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кој лаже, вицепремиерот Бујар Османи или Мила Царовска? Дали Царовска намерно пласирала лажни вести и давала несреќни изјави или директорите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од ДУИ злоупотребувале десетици милиони евра?
Кој ќе понесе одговорност за манипулациите во јавноста? Дали Царовска ќе одговара за лажно пријавување и ќе се повлече од функцијата или Бујар Османи ќе си даде оставка од вицепремиерската позиција за попречување и влијание врз истрагата која треба да се води против функционерите на ДУИ?
Ова што го гледаме со наводниот скандал во ПИОМ тежок 19 милиони евра е преседан кој покажува дека нема ниту правна држава, ниту борба против криминалот и корупцијата“, изјави Ласовска.
Таа додаде и дека денеска бевме сведоци на изјава на вицепремиер кој кажа дека вчера лично побарал министер и инсистирал тој да се повлече за дадените изјави и да се корегира, а ваков несериозен однос кон јавноста, вели Ласовска, нема ниту во Свазиленд, ниту во Лесото, ниту во Руанда.
„Дали и колку пари се украдени од ПИОМ? Колкава е штетата врз 12.000 идни пензионери? Власта мора да одговори, дали кадрите на ДУИ кои директорувале со ПИОМ извршиле проневера или не?
Која е одговорноста на Фросина Ременски и Мила Царовска кои веќе три години збирно министеруваат со МТСП?
Вицепремиерот на владата, Бујар Османи, денеска јавно ја обвини Мила Царовска, дека шири лажни вести и дека нејзината изјава е несреќна и како што вели истата само шири шпекулации за некаква можна злоупотреба.
Османи спротивно на Царовска вели дека не станува збор за никаква злоупотреба на средства и најави пријави за сите политичари и медиуми за лагите кои се изнесени.
Хаосот кој го приредија Царовска и Османи мора да биде разрешен, граѓаните мора да знаат кој лаже, дали Царовска или Османи“, додаде Ласовска.