Во Велика Британија сè почесто се применува опасната традиционална африканска пракса на пеглање на женските гради со жежок камен. Со оваа пракса се одложува формирањето на дојките, а бројот на случаи во Британија е сè поголем, утврдила истрагата на „Гардијан“.
Маргарет Најџевир, лидерка на групата Came Woman and Girls Development Organization, проценила дека најмалку 1.000 жени и девојки во Велика Британија биле изложени на оваа брутална постапка, но досега немало систематско истражување и собирање податоци, па не се знае точниот број.
Друга активистка, која сакала да остане анонимна, за „Гардијан“ рекла дека знае за најмалку 15-20 случаи на оваа пракса во Крајдон.
„Таа процедура обично се изведува во Велика Британија, а не во странство, како што е случајот со гениталнo осакатување жени“, рекла активистката и го опишала процесот на пеглање на женските гради во кој тетките или бабите користат жежок камен и со него силно ги масираат дојките на девојчињата за да го оштетат ткивото и да го забават нивниот раст.
„Понекогаш тоа го прават еднаш неделно или на секои две недели“, додала таа.
Жените што го прават тоа, обично мајките, ја сметаат постапката за традиционална мерка, која ги штити девојчињата од несакано машко внимание, сексуално вознемирување и силување.
Медицинските експерти и самите жртви, пак, сметаат дека тоа е малтретирање на децата и дека може да доведе до физички и психички последици, инфекции, неможност за доење, деформитет и рак на дојката.
Британската полиција изјавила дека не примила пријави за таква пракса, но дека веќе некое време се сомнева оти се случуваат вакви работи