Франција се подготвува за враќање на десетина француски џихадисти, кои курдските власти ги држеле заробени во Сирија, откако САД објавија дека се повлекуваат од таа земја, изјави денеска министерот за внатрешни работи на Франција Кристоф Кастане.
-Американците заминуваат од Сирија и таму има луѓе, кои се задржани во притвор затоа што Американците беа таму. И тие ќе бидат ослободени. Тие сакаат да се вратат во Франција, изјави Кастане.
Во врска со непотврдените информации дека наредните недели треба да бидат ослободени 130 француски џихадисти, тој рече: „На сите кои ќе се вратат во Франција, сакам веднаш да бидат изведени пред суд”.
Франција, како и другите европски нации, се бори со проблемот настанат по обидите осомничените екстремисти, заедно со семејствата, да се вратат од воените подрачја во Ирак и Сирија.
Политиката на таа држава досега беше категорично отфрлање на опцијата да се вратат борците со семејствата во земјата.
Министерот за надворешни работи Жан-Ивес Ле Дриан ги нарече „непријатели” на нацијата, кои би требало да бидат изведени пред лицето на правдата или во Сирија, или во Ирак.
Курдските сили во североисточниот дел на Сирија држат околу 150 француски државјани, меѓу кои и 50 возрасни.
Официјални лица проценуваат дека околу 250 француски џихадисти и натаму се борат во Сирија.