Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот, Александар Николоски, и меѓународниот секретар Тимчо Муцунски, оствари средба со директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, заедно со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Како што соопшти партискиот центар за комуникации, на средбата станало збор за актуелните политички случувања, стратешките приоритети на државата, како и за реформските процеси клучни за остварување на стратешките цели на Република Македонија.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на своите соговорници им ги посочи слабите резултати на власта на полето на реформите, кои се од суштинско значење за членството на Македонија во Европската Унија. Мицкоски напомена дека власта исклучително заостанува со реформите од областа на правосудството, справувањето со корупцијата, како и заштитата на животната средина.
Тој посочи дека корупцијата и криминалот го разјадуваат општеството, а владата се става во улога на заштитник“, соопштија од партијата.
Мицкоски во рамките на средбата истакна дека за Македонија членството во НАТО и во ЕУ е од стратешки и државен интерес и токму поради тоа, на Македонија ѝ е потребна влада посветена на реформските процеси.
Соговорниците биле согласни дека евро-атлантската интеграција на Македонија е клучна за стабилност и просперитет на Балканот, а поддршката на Европската Унија е клучна за остварување на стратешките цели на државата.