Френк Грунвал (87) го преживеал Холокаустот додека неговата мајка Вилма и братот Џон, завршиле во Аушвиц во декември, 1943-та година.
Френк имал само 12 години кога нацистите го уапсиле неговиот брат Џон (16). Мајката знаела дека го водат нејзиниот син во гасна комора и не сакала да дозволи да го однесат сам, па одлучила да појде со него.
Само неколку минути пред смртта напишала писмо до нејзиното семејство и му го дала на чуварот со надеж дека тој ќе го достави на вистинската адреса. За среќа, тоа и го направил.
Долго по смртта на родителите, Френк одлучил да го прочита писмото, кое потоа го подарил на Музејот на Холокаустот во САД.
„Мојата мајка секогаш добро ги проценувала луѓето. Во тоа и успеала кога избрала чувар во логорот кој потоа го испратил писмото“, изјави Франк, пренесе британски „Метро“.
Писмото на Франк му го предал неговиот татко.
„Ми рече дека има писмо од мајка ми, кое го напишала кратко пред да биде убиена. Како што ми кажа тогаш, се работи за проштално писмо во кое мајка ми ми посакала остатокот од животот да го поминам најдобро што можам. Тогаш имав само 12 години и не можев да го прочитам. Ме болеше самата помисла на тоа“, објасни Френк.
Неговиот татко починал во 1967 година, кога Френк одлучил да го прочита писмото. Во првиот дел од писмото жената му се обратила на нејзиниот сопруг.
„Единствен мој, во изолација сме, чекаме таму. Размислувавме за тоа да се криеме, но одлучивме да останеме бидејќи е безнадежно. Камионите веќе стигнаа и го чекаме неизбежното. Сосема сум смирена. Направивме се што можевме. Останете здрави и запомнете ги моите зборови, времето ќе излечи се. Води сметка за моето златно момче и немој премногу да го разгалиш“, напишала Вилма во писмото.
Таа на двајцата им посакала да проживеат убави животи.
Френк писмото го предал во музејот, каде му рекле дека е единствено сведоштво за менталното здравје на затвореник од тој период.