Перо Антиќ веќе извесно време размислува да стави крај на својата играчка кариера, а сега откри повеќе детали за тоа што мисли да прави во иднина изјави Антиќ.
Феноменалниот центар со последната освоена титула во Евролигата како член на Фенербахче стана најтрофеен кошаркар во македонската историја, но по крајот на етапата со Црвена Звезда, очигледно нема преголеми мотиви да ја продолжи кариерата, особено не во странство.
– Пред неколку седмици одбив понуда од Армани Џинс Милано, го направив тоа бидејќи во овој момент мислите ми се насочени на друго место, односно кон Скопје и моето семејство, – порача Антиќ кој сепак не ја отфрла можноста да ја доигра актуелната сезона во Работнички или МЗТ Скопје.
– Многу луѓе чие мислење го ценам ми велат дека кариерата треба да се заврши онаму каде си ја почнал и мора да кажам дека се согласувам со тоа. Опцијата за враќање во Работнички првпат беше на маса со претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски. Со него имам огромна почит, но истото важи и за сегашниот градоначалник, Саша Богдановиќ. Сепак, засега нема ништо конкретно бидејќи треба да се исполнат одредени услови. Пред пет-шест години се сликав со дресот на МЗТ и тогаш чувствував дека сакам кариерата да ја завршам таму. Но, никогаш во кариерата не сум имал понуда од МЗТ, ниту сега, – додаде Перо кој за крај најави мега спектакл во Скопје по повод официјалното ставање крај на играчката кариера, случување од кое ќе бидат дел многу ѕвезди, вклучувајќи го и Лука Дончиќ кој е вистинска сензација во НБА лигата.
– Премногу е рано и не сакам да откривам детали за овој настан, но уште сега можам да потврдам дека Дончиќ и Хорфорд сигурно ќе дојдат, исто како и многу поранешни соиграчи од европската кошарка. Во Скопје сакам да бидат и тренерите со чија помош стигнав до такво ниво во кариерата, – најави Антиќ.