Серхио Рамос претрпе незгоден старт од Серхио Гарсија за време на мечот меѓу Еспањол и Реал Мадрид, па поради тоа, капитенот на „кралевите“ не можеше да го продолжи мечот и беше повлечен од игра уште на полувремето.
Неговото место на теренот го зазема Начо, а со оглед на тоа што Рамос се пожали на болки во коленото, оваа ситуација предизивка и одредена паника меѓу фановите на Реал поради клучната улога која ја има стоперот во играта на тимот. Централниот стопер е вистински лидер во дефанзивата на тимот, но исто така важи и за лидер во соблекувалната каде ја ужива почитта од сите соиграчи.
Неговото непојавување на теренот во вториот дел на „Корнелја ел Прат“ го вклучи алармот и меѓу мадридските медиуми, но сепак ова попладне од шпанската престолнина пристигнаа позитивни вести за неговата состојба. Имено, првичните прегледи покажале дека Рамос нема никаква повреда, а иако утре ќе бидат направени нови тестови, предвидено е дека стоперот ќе биде одморен на куп натпреварот со Џирона, додека ќе биде подготвен за настап за наредното коло во Примера кога Реал ќе игра против Алавес.