Лидерот на опозицијата во Венецуела, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, Хуан Гуаидо, добил право да располага со банкарските сметки на државата кои Владата на Венецуела ги има во било која од американските банки, соопшти денеска американскиот Стејт департмент.
Во соопштението се прецизира дека ова право на Гуаидо било потврдено од државниот секретар Мајк Помпео на 25 јануари.
– Ги повикуваме останатите влади да го признаат Хуан Гуаидо за привремен претседател и да преземат слични чекори за заштита на имотот на Венецуела од понатамошна кражба од страна на корумпираниот режим на (актуелниот претседател Николас) Мадуро, посочуваат од Стејт департментот.
Вашингтон претходно воведе санкции против венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА со замрзнување на сметките на компанијата во износ од седум милијарди долари, обврзувајќи ги американските компании кои купуваат венецуелска нафта да ги депонираат парите на блокираната сметка.
Во меѓувреме Банката на Англија го одби барањето на Мадуро да му се предаде злато во вредност од 1,2 милијарди долари, јави „Блумберг”. Според изворите на агенцијата, одлуката на Банката на Англија била донесен по барање на Помпео и Џон Болтон, советник за национална безбедност на претседателот на САД.
Гуаидо, претседател на Националното собрание на Венецуела, минатата недела се самопрогласи за привремен претседател на местото на Мадуро. Лидерот на опозицијата веднаш беше поддржан од САД, Канада, ЕУ и повеќе земји од Јужна Америка.
Гуаидо е убеден дека венецуелската опозиција ќе успее да се избори за смена на власта по мирен пат и да организира слободни избори.
Тој се заблагодари за поддршката што ја даваат САД.
-Привремената администрација може да добие итен пристап до венецуелските сметки во износ од најмалку 500 милиони долари, изјави Гуаидо.
Тој се надева дека таа бројка ќе се зголеми ако и другите земји воведат санкции против венецуелските државни компании. Странските резерви на Венецуела се во висина од осум милијарди долари, оцени „Блумбрег”.