Штетата од пожарите во Калифорнија достигна 11 милијарди долари

Вкупната сума на барањата за исплата на отштета по пожарите кои во ноември лани ја погодија Калифорнија достигна 11,4 милијарди долари.

Како што јавува „Асошиејтед прес“, сè поголема е загриженоста дека во иднина осигурувањето на домовите во делови на оваа американска држава би можело да стане недостапно.

Повеќе од 8 милијарди долари се однесуваат на барања за отштета на жителите од гратчето Парадајс, на северот на Калифорнија, каде беа уништени околу 15 илјади домови, а 86 лица загинаа.

Останатите 3 милијарди долари се однесуваат на штета која ја направија два пожари во јужна Калифорнија.

Пожарите во Калифорнија се сè поразорни, а нивната сезона е сè подолга поради климатските промени.

Во пожарите во 2017 година во виноградското подрачје на северот на Калифорнија и во делови на јужна Калифорнија штетата достигна 11,8 милијарди долари.

Треба да знаете
Последни објави