Амбасадорката на Република Турција, Еркал Кара се сретна денеска со министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во врска со владината подршка на весникот „Земан Македонија“.
Турската амбасада претходно со соопштение ги изрази своето незадоволство од одлуката на Владата на Република Македонија да додели финансиска поддршка и за „Заман Македонија”, кој според турските власти е поврзан со терористичката организација ФЕТО, одговорна за неуспешниот обид за државен удар во Турција.
Амбасадорката на својот Фејсбук профил сподели фотографии од средбата на која кажала дека Турција сигурно нема да прифати ваква одлука на македонската влада.
Во соопштението на амбасадата, пак, е потенцирано оти е познато дека Република Турција ја поддржува Република Македонија од нејзината независност на сите важни полиња.
-Поддршката и односот на Република Турција кон Република Македонија отсекогаш биле пријателски и добронамерни. Одлуката на Владата на Македонија да се додели финансиска поддршка за весник на ФЕТО ја сметаме за скандалозна и неприфатлива. Очекуваме дека Владата на Македонија ќе ја преиспита својата одлука и ќе ги земе в предвид долгогодишните пријателски односи помеѓу двете земји и двата народи, велат од амбасадата.