Усвоен Предлог-законот за абортус, се укинуваат административните процедури

Владата на Република Македонија денеска го усвои новиот Предлог-закон за прекинување на бременоста со кој се укинуваат постојаните административни процедури.

Од Министерството за здравство информираат дека законот ќе биде доставен до македонското Собрание и оти со предложеното законско решение и се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста.

Со новиот Предлог-закон, на жената ќе и бидат овозможени комплетни, објективни и точни информации за начинот на изведување на интервенцијата,а одлуката за прекин на бременоста, пациентката ќе има можност да ја донесе свесно, без принуда и врз основа на објективни информации. Веќе нема да има потреба да чека три дена за да биде спроведена интервенцијата и нема да биде принудена да објаснува зошто сака да ја прекине бременоста.

– Новиот Закон предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела, со писмена согласност од бремената жена. Ако жената е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот, појаснуваат од ресорното Министерство.

Бременоста, како што известуваат оттаму, може да се изврши врз основа на медицински индикации со кои ќе се утврди дека таа претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето.

– Во постапката за одобрување и вршење на прекинување на бременоста се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правата на приватност, информираност, прифаќање и одбивање на медицинска интервенција и информација, доверливост на личните и медицинските податоци согласно прописите од областа на заштитата на правата на пациентите и на здравствената заштита, се наведува во соопштението од Министерството.

Треба да знаете
Последни објави