Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај изјави дека владата на чиешто чело е тој, би можела да падне до крајот на оваа недела, поради притисокот да се укинат таксите на производите од Србија и Босна и Херцеговина.
„Ова е моето прво интервју за вас, но не знам дали е и последно во својство на претседател на владата“, рече Харадинај во емисија за „Сири.нет“, пренесе „Коссев“.
Харадинај нагласи дека не се согласува со Америка и меѓународните гаранции не можат да го заштитат Косово од агресијата на Србија. Додаде дека не се плаши од избори до кои може да дојде набрзо, поради повлекувањето на Кадри Весели од владејачката коалиција.
Синоќа, во растојание од неколку часа, Харадинај и Весели истапија со донекаде спротивставени ставови кон таксите за увоз на производите од Србија и Босна и Херцеговина. Додека Харадинај изнесе цела листа на услови што ЕУ и САД треба да ги исполнат пред укинувањето на таксите, Весели предложи условна четиримесечна суспензија на одлуката за таксите.
Владата на Рамуш Харадинај од почетокот на годината се соочува со сериозни предзвици. По просветните и здравствените работници, денеска во штрајк стапија и цивилните службеници, а притисокот на меѓународната заедница, најмногу на САД, за укинувањето на таксите е сѐ поголем.