Најмалку петмина мртви поради поларните студови во САД

Најмалку пет лица загинаа поради бранот на многу студено време кој зафати неколку американски држави.

Најмалку 55 милиони луѓе во САД во наредните денови ќе се соочат со историски ниски температури кои ќе се спуштат и до минус 53 степени, а научниците студеното време го образложуваат со метеоролошкиот феномен наречен „поларен вортекс“.

Чикаго ќе биде поладен и од Антарктикот, пренесува Би-би-си, додавајќи дека вака ниски температури се јавуваат еднаш во 25 години.

Поради екстремно ниските температури, во Чикаго денес настава нема да посетуваат 360.000 ученици.

„Њујорк тајмс“ пишува дека „поларниот вортекс“ носи опасно ниски температури поради што училиштата и универзитетите ќе бидат затворени.

Вонредна состојба е прогласена во Висконсин, Мичиген, Илиноис, Алабама и Мисисипи, а властите во Ајова ги предупредија граѓаните при престој на отворено да не дишат длабоко и да не зборуваат многу.

Канцеларијата за метеоролошки работи на САД објави дека само 10 минути изложеност на таков студ може да доведе до сериозни смрзнатини.

Научниците објаснуваат дека ниските температури се резултат на зголемувањето на температурата во стратосферата над Северниот Пол, на височина меѓу 20 и 30 километри.

Треба да знаете
Последни објави