Град Скопје со поддршка на кампањата „Паркирај совесно!“

Денеска во СУГС „Јосип Броз Тито“ на учениците од трета година, како потенцијални идни активни учесници во сообраќајот, им беше претставен едукативниот проект „Паркирај совесно!“, што ќе се реализира во три фази со времетраење од четири месеци.

-Град Скопје ја поддржува оваа едукативната кампања на ЈП Градски паркинг, ЈП ПОЦ и СВР Скопје што ќе се реализира во сите средни училишта. Со овој проект работиме на подигање на свеста и на културата за одговорно паркирање, како и општо подигање на одговорноста на сите учесници во сообраќајот во однос на почитувањето на сообраќајните правила. Целната група на која се однесува оваа едукативна кампања се средношколците како најмлади учесници во сообраќајот во својство на возачи на моторни возила. При тоа ќе ми дозволите да нагласам дека за мене лично средношколците се особено драга категорија на граѓани од причина што и мојата ќерка е на оваа возраст, па овие теми често ги разговараме и дома, изјави Шилегов.

Тој додаде дека она што е важно да го знаат сите како податок е фактот што Град Скопје подолг временски период има недостиг од обележани паркинг места, а направените статистики покажале дека во Скопје имаме 9 до 10 возила на едно паркинг место.

-Со оглед на тоа, исто како и проблемот со аерозагадувањето, и за овој проблем се решава на долг рок. Паралелно со зголемувањето на бројот на паркинг места работиме на дестимулирање на употребата на моторни возила и поттикнување на користењето на јавниот превоз со цел да постигнеме истовремено одржлива урбана мобилност и намалување на аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Оттука совесното и одговорно паркирање е од непроценлива важност за спречување на хаосот во сообраќајот со кој граѓаните секојдневно се соочуваат особено во централното градско подрачје, рече Шилегов.

Со оваа кампања средношколците  како идни возачи почетници ќе имаат можност да научат колку е важно да не ги паркираат возилата на местата наменети за лицата со посебни потреби, да не паркираат на тротоарите, патеките за пешаци, велосипедските патеки, да не го уништуваат урбаното зеленило и слично.

-Во оваа пригода ќе потенцирам дека освен преку ваквите едукативни кампањи во борбата со непрописното паркирање Град Скопје во текот на изминатата година успеа да постави заштитни столпчиња со кои спречивме паркирање на тротоари и велосипедски патеки во вкупна должина од над 4.000 метри. Подигнато е и нивото на ефикасноста на работата на Пајак службите, со што слободно можам да заклучам дека бележиме значително подобри резултатите во борбата со несовесното паркирање, во што впрочем граѓаните можат и лично да се уверат, со свои очи. Очекуваме уште поголем ред по воведувањето на Комуналната полиција која во дел од своите надлежности ќе има можност и да изрекува казни за непрописно паркирање на тротоари, велосипедски и пешачки патеки, уништување на јавно зеленило и слично – истакна Шилегов.

Градот Скопје ќе продолжи и понатаму да се бори со сообраќајниот хаос, односно ќе работи на воспоставување ред во сообраќајот во градот. Во таа борба исклучително важна ќе биде  поддршката од другите институции како што се МВР и другите општини, но за да ја постигне целта најважна е поддршката што може да ја даде секој граѓанин почитувајќи  ги  сообраќајните правила.

Треба да знаете
Последни објави