Гранде Рафа: Навивачите на Ливерпул повторно го слават Рафа Бенитез

Шпанскиот тренер Рафаел Бенитез вчера го зацврсти неговиот статус како легенда кај навивачите на Ливерпул, откако со неговиот актуелен клуб Њукасл го совлада Манчестер Сити, кој сезонава е главен конкурент на Ливерпул за титулата во Премиер лигата.

 

Бенитез го предводеше Њукасл до маестрален пресврт и победа против Манчестер Сити, со што дополнително ги оддалечи „граѓаните“ од првото место на табелата. Неговиот тим триумфираше со 2:1, откако Агуеро во првата минута му донесе водство на Манчестер Сити.

Во финалето од Лигата на шампионите во 2005 година, со Рафаел Бенитез на клупата Ливерпул стигна до легендарен пресврт против Милан и потоа на пенали го освои најпрестижниот трофеј во европскиот фудбал. Оттогаш Бенитез е култен херој на навивачите на Ливерпул и гордо го носи имиџот на еден од најомилените ликови од поновата историја на клубот.

Синоќа тој само го зацврсти таквиот статус со победата од 2:1 над Манчестер Сити, остварена со неговиот актуелен тим Њукасл, кој до крајот на сезоната го очекува грчевита борба за опстанок. Доколку Ливерпул вечерва го победи Лестер, ќе се оддалечи на 7 бода предност над Манчестер Сити, па до крајот на сезоната ќе биде потребно само да бидат внимателни за да ја освојат титулата.

Навивачите на Ливерпул веќе почнаа да го слават Рафаел Бенитез на социјалните мрежи, а еден навивач дури предложи дека Шпанецот треба да добие медал доколку Ливерпул успее да ја освои лигата.

Оваа сезона поранешните тренери на Ливерпул се покажаа како кобни за Манчестер Сити, бидејќи и Рој Хоџсон, кој во моментов е тренер на Кристал Палас, успеа да го порази актуелниот англиски шампион.
Треба да знаете
Последни објави