Македонија на дното во борбата против корупцијата, власта штити и произведува криминал, изјави во видео обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија, вели Мицкоски, е во друштво на хибридни режими и слаби системи, на држави со изразени проблеми на непостоење на правна држава и отсуство на владеење на правото.
„Македонија на скалата на корумпирани држави на листата на Транспаренси Интернешнл е на далечното 93-то место. Државата е зад сите земји членки на Европската Унија, на дното сме во Европа. Ова подразбира констатација дека државава се дави во криминал, корупција, и не владеење на правото. Нема резултати. Веднаш до нас, друштво според индексот на корупција ни прават земји како Гамбија, Косово, Монголија и Панама. Дури и помалку развиени далеку помалку развиени земји од Македонија се помалку корумпиран, а тоа го покажува и фактот што пред Македонија се Свазиленд на 89-тото место, Бенин на 85-тото место, Лесото на истото место, Буркина Фасо 78 место, Намибија 52-ра, Руанда на 48-то место“, изјави Мицкоски во обраќањето.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потребни се коренити реформи и воспоставување на владеење на правото и правна држава, реформирано и независно судство. Граѓаните да се чувствуваат заштитено, вели Мицкоски.