Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск синоќа изјави дека нема повторно да се преговара за излезот на Велика Британија од Европската унија, откако премиерката Тереза Меј најави дека ќе се обиде да го преиначи договорот за Брегзит.
Претходно британскиот Парламент поддржа амандман на договорот со кој на премиерката и се сугерира да побара од Брисел да го замени со алтернативни договори таканаречениот „бекстоп” – чија цел е избегнување царински контроли на границата меѓу Северна и Република Ирска.
– Договорот за повлекувањето е и останува наjдобар и единствен начин да се обезбеди уредено повлекување на Британија од ЕУ, соопшти Туск преку својот портпарол.
Договорот, како што истакна, не е отворен за повторно преговарање.