Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска повтори дека нема намера да ја повлече одлуката за такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и изрази уверување дека дека тоа нема да влијае на партнерството со САД, на што предупредува претседателот на државата Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај во денешното обраќање на комеморацијата по повод 22-рата годишнина од загинувањето на тројца од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Захир Пајазити, Едмонд Хоџа и Хакиф Зејнулаху, го „потсети” Тачи дека „не се грижел многу” за мислењето на САД кога се обидуваше да го спречи основањето на Специјалниот меѓународен суд за Косово.
– Добро е да се биде искрен со Америка и Европа. Кога се работеше за нас и кога се плашевме од Специјалниот суд. Тогаш се трудевме тој суд да го урнеме. Воопшто не сакавме да чуеме кога Американците ни велеа дека им зариваме нож од зад грб. А сега, кога треба да се избориме за признавање, ни велат „немојте, оти ќе го расипеме партнерството со САД”, изјави Харадинај.
Тој нагласи дека „нешто е побарано во замена за признавањето на Косово од Србија” и дека тој е подготвен да ја укине таксата доколку Белград го исполни тоа барање.
– Не ѝ го давам веќе нашиот пазар на Србија, без да добијам признавање. Ова не е против Америка, само треба да им појасниме. Бараме признавање. Не даваме земја и не толерираме создавање на Република Српска внатре во Косово. Но, ќе им го вратиме пазарот во замена за признавање на независноста, изјави Харадинај.
Приштинските медиуми потсетуваат дека, откако во август 2015 година Собранието на Косово усвои закон со кој се формира Специјален меѓународен суд за претпоставени воени злосторства од страна на ОВК, Тачи во декември 2017, со помош на организацијата на воените ветерани се обиде да го укине тој закон, но не успеа да ги обезбеди потребните гласови во Парламентот. На оваа иницијатива на косовскиот претседател остро се спротивстави меѓународниот фактор, а пред се официјален Вашингтон.