Најмалку 29 деца починале од студ во последните два месеца во Сирија кога многу семејства бегале од судирите в источниот дел на таа земја, соопштија денеска Обединетите нации.
Светската здравствена организација (СЗО) изрази „сериозна загриженост” поради хуманитарната ситуација, што се влошува во кампот Ал Хол во североистокот на Сирија, каде што има цивили, кои бегаат од конфликтот во провинцијата Деир Езор.
– Во текот на изминатите осум недели, најмалку 29 деца и новороденчиња починаа, повеќето од „смрзнатини”, наведе СЗО, додавајќи дека за два месеца од Деир Езор избегале околу 23.000 луѓе, претежно жени и деца.
Арапско-курдскиот коалиција, со поддршка на меѓународната воена коалиција предводена од САД, во септември почна офанзива против единственото упориште на ИД во источниот дел на Сирија.
Таа коалиција освои големи делови од тоа подрачје. Во последниве неколку недели, неколку илјади луѓе ги напуштија своите домови поради конфликтот.
– Многумина одат пешки или се превезуваат со отворени камиони со денови во сред зима, додаде СЗО.
Ситуацијата во кампот Ал Хол е критична, бидејќи бројот на примени цивили се зголеми тројно, од 10.000 на речиси 33.000 за помалку од два месеца, наведе организацијата.
Во сириската војна, кој почна во 2011 година, а која со текот на годините стана посложена со учество на странски држави и разни џихадистички групи, загинаа повеќе од 360.000 луѓе, а неколку милиони се раселени внатре во државата, или избегаа во соседните држави.