Тачи по состанокот на државниот врв кај американскиот амбасадор: Вообичаена средба

Косовскиот претседател Хашим Тачи по денешната средба на лидерите на косовските институции со американскиот амбасадор Филип Коснет, на која е разговарано за таксата од 100 отсто на увозот од Србија, изјави дека „таквите средби се вообичаени”, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Таквите средби се случуваат често, се работи за редовни средби и со американскиот амбасадор и со раководителите на државните институции и политичките лидери во рамки на нашата посветеност за уште подобра координација во агендите кои се пред нас како раководители на главните институции. Нормално, секогаш во тесна координација со САД, изјави Тачи.

Тој додаде дека оваа средба ќе придонесе за јакнење на соработката на Косово со САД.

– Косово било, е и ќе остане доживотен пријател на САД и нема индивидуа или дневна агенда која ќе го загрози ова партнерство на косовската држава со САД, волјата на граѓаните, ниту денес ниту во иднина, изјави Тачи на чествувањето кај споменикот на еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Захир Пајазити, на 22-та годишнина од неговото загинување.

Првите луѓе на државните институции на Косово, претседателот на државата Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели, премиерот Рамуш Харадинај и вицепремиерите Фатмир Лимај и Беџет Пацоли се сретнаа со американскиот амбасадор Коснет за да разговараат за барањето на Вашингтон за укинување на таксата кон увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Премирот Хардинај е категорично против ова барање, со образложение дека Србија не исполнила ниту еден од условите за укинување на таксата и инсистира дека таа треба да остане на сила се додека Србија не ја признае независноста на Косово.

Претседателот на Собранието Весели завчера предложи таксата, под одредени услови, да се суспендира на 120 дена, со цел, пред се, да не се наштети на стратешкото партнерство со САД.

За укинување на таксата силно се залага и претседателот Тачи, кој смета дека е тоа неопходно за да се деблокираат преговорите меѓу Приштина и Белград, кои беа прекинати минатиот ноември, откако Владата на Харадинај ја донесе спорната одлука.

Синоќа на истата тема се состанаа лидерите на четирите коалициски партии – Харадинај, Весели, Лимај и Пацоли, но тричасовната средба не резултира со конкретен договор во врска со американското барање.

Треба да знаете
Последни објави