Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, присуствуваше на презентацијата на анализата на системот на оценување и евалуација во основното и средното образование, подготвена со поддршка на УНИЦЕФ и ОЕЦД.
„Реформирањето на националниот образовен систем од темел и поставувањето на основи за добра понатамошна надградба, преку следење на современите образовни текови, трендови и позитивни практики во глобални размери, воопшто не е лесна и едноставна работа која би можела да се заврши на краток рок“, рече Адеми во своето обраќање.
Министерот напомена дека најновата анализа на состојбите во националниот образовен систем во Македонија која ја направиле експерите од ОЕЦД и УНИЦЕФ, е од големо значење за конципирањето на сите понатамошни образовни политики и чекори, со крајна цел, да се создаде што поквалитетен образовен систем кој ќе создава сé подобри и подобри генерации на ученици.
„Анализата е сеопфатна. Ценам дека нотираните забелешки за тоа што недостасува и што треба да се промени се издржани, а воедно издржани се и предлозите како во иднина, но час поскоро ќе треба да постапиме. Драго ми е што во анализата се дава позитивна оценка за одредени тековни активности кои ги преземаме како институции во насока на развој на квалитетот на образованието“, истакна Адеми, потенцирајќи дека е согласен оти е потребна промена во начинот на оценување на учениците во основното и средното образование.
Потребно е, додаде министерот, и усогласување на евалуацијата на училиштата со основните цели за одговорност и подобрување, како и креирањето поцврста рамка за следење и евалуација на националниот напредок во образованието.
„Денеска ќе имаме можност за сеопфатна дискусија, од која, се надевам ќе произлезат конструктивни предлози и заклучоци по кои потоа, секоја надлежна институција соодветно ќе постапи. Верувам дека ќе биде така, бидејќи сите присутни имаме заедничка цел – подобро образование за нашите деца“, рече Адеми.