(Видео) Заев од собраниската говорница: Европа бара резултати, ќе настапиме силно против корупцијата

Премиерот Зоран Заев во попладневното продолжение на седницата за пратенички прашања упати јасна порака до сите во државата за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.

„Апелирам на будното око на Парламентот, но и на независните институции во државата“, порача Заев.

Тој посочи дека најголемата корупција доаѓа од политиката и од јавните институции, како што било секогаш и рече дека ако сакаме да си ја средиме државата мора да ги поставиме прво контролните механизми.

Во врска со изборот на Антикорупциската комисија, тој изрази очекување дека членовите ќе бидат избрани со консензус.

„Јас се надевам дека сите во Парламентот, со консензус, ќе ја избереме Антикорупциската комисија. Мене ми е драго што гласавме за Законот за Антикорупциската комисија. Еве и политички сум прв, од најголемата владејачка партија и во извршната власт, во искрената желба за професионалци. Не очекувајте да дадеме поддршка за некој кој е близок до некоја политичка партија. Давајте предлози на експерти и кандидати и верувам дека лесно, консезуално ќе ги најдеме вистинските луѓе“, посочи премиерот.

Заев апелираше до опозицијата заеднички да биде избран и директор на Државниот завод за ревизија.

„И сите други регулаторни тела треба да бидат независни и ако можеме, заедно да ги избереме, не политички. Тие се првиот контролор на сите јавни институции. Корупција има во приватниот сектор, кај некој јавен административец и слично, но најголемиот дел од корупцијата е врзан за јавната администрација којашто е поврзана со политиката“, додаде премиерот.

Тој потсети дека фокусот на ЕУ е во четири области: правна регулатива, реформите во безбедносните сили, во јавната администрација, но дека клучниот фокус е во борбата против криминалот и корупцијата.

„Ако сакаме да си ја средиме државата, Европа да нé поддржува и кога ќе ги отвориме поглавјата, ние мора да покажеме јасен исчекор и апсолутно недвосмислена и бескомпромисна и безрезервна борба против криминалот и корупцијата. И тоа не смее да остане на декларативни заложби. Мора да има конкретни резултати. Сé што претставува основано сомнение, институциите треба соодветно да настапат“, истакна Заев.

Ова е важно прашање, Европа бара од нас да испорачаме резултати, граѓаните бараат резултати, рече премиерот.

„Ќе има санкции, ќе има законско постапување, ќе се одговара, кој сака нека биде“, додаде тој.

Во одговорите до пратениците, Заев изрази оптимизам за датум за преговори со ЕУ.

„Оптимист сум дека во јуни ќе добиеме датум за преговори за отворање на поглавјата“, оцени премиерот.

Треба да знаете
Последни објави