Венецуелскиот лидер на опозицијата, кој се прогласи за привремен претседател на државата, Хуан Гуаидо, денеска изјави дека припадници на безбедносните сили се појавиле во станот на неговата сопруга, во обид да го заплашат.
„Диктатурата мисли дека може да нѐ заплаши“, рече Гуаидо во говорот во кој тој го претстави планот на опозицијата како Венецуела да се извлече од економската криза.
Гуаидо рече дека во станот во Каракас се наоѓала и неговата 20-месечна ќерка.
Агенцијата АП објави дека соседите на Гауаидо веднаш се упатиле кон станот и дека полицијата најверојатно си заминала набрзо откако тие дошле.
Во Венецуела регистрирани се и неколку случаи на апсење на новинари, а денеска беа ослободени двајца француски репортери кои биле приведени додека известувале за политичките превирања во земјата. Информацијата за нивното ослободување ја објавија од емисијата QuotidienTV show за која тие двајца работат.
Претходно, агенцијата ЕФЕ објави дека фотографот Леонардо Мунос од Колумбија, исчезнал вчера утрото во Каракас и дека подоцна двајца новинари – Шпанецот Гонсало Домингес и Колумбијката Маурен Барига, биле приведени во нивната канцеларија од страна на припадници на венецуелската разузнавачка служба „Себин“.
Шпанската влада, исто така, објави дека е уапсен и венецуелски државјанин кој работи за шпанската новинска агенција.
Овие апсења следат по депортацијата на двајца чилеански новинари уапсени неделава во Венецуела.