Европскиот суд за човекови права ја отфрли жалбата на бискупот Ричард Вилијамсон

Европскиот суд за човекови права не ја прифати жалбата  на бискупот Ричард Вилијамсон, кој ја оспори неговата пресуда во Германија за негирање на постоењето на Холокаустот во интервју за шведски телевизиски канал, јави дописникот на МИА.

Судската постапка започна во 2009 година во Окружниот суд во Регенсбург, каде британскиот бускуп, роден во 1940 година, беше прогласен за виновен по поднесената жалба за поттикнување омраза и осуден на казна од 1.800 евра.

Бискупот во интервју за шведскиот телевизиски канал СВТ-1 на маргините на семинарот на свештенското братство на Свети Пиј Десетти во ноември 2008 година во германскиот град Зајцхофен, изјави „дека верува оти немало гасни комори под нацистичкиот режим”.

Интервјуто беше емитувано во јануари 2009 година.

Сите жалби во Германија на пресудата на Вилијамсон беа отфрлени, а германскиот Сојузниот уставен суд во март 2017 година одби да ја разгледа неговата жалба.

Во август 2017 година, бискупот поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права.

Ричард Вилијамсон тврдеше дека неговата кривична пресуда за поттикнување на омраза го прекршила неговото право на слобода на изразување. Тој особено тврдеше дека германското право не се применувало на неговите забелешки, бидејќи прекршокот, според него, не бил извршен во Германија, туку во Шведска, земја во која таков говор не бил кривично дело.

Европскиот суд за човекови права го отфрли предметот како „очигледно неоснован”. За Судот, германската одлука е оправдана „од релевантни и доволни причини”.

– Регионалниот суд (во Германија) одлучил дека негирањето и минимизирање на геноцидот над Евреите изразени од страна на Ричард Вилијамсон го поткопаа достоинството на жртвите на геноцидот и, најверојатно, сериозно  го нарушија јавниот ред и мир во Германија, забележува Европскиот суд за човекови права, кој „не гледа причина да не се придружи на оваа проценка”.

Судот од Стразбур ја оправдува пресудата донесена во германскиот регионален суд, кој „утврди јасно дека коментарите на  Вилијамсон, можат  да бидат видени во целиот свет и особено во Германија, со оглед на историјата на земјата, бидејќи интервјуто било дадено во Германија и дека папата од тоа време, Бенедикт Шеснаесетти, бил Германец “.

Европскиот суд за човекови права, исто така, нагласува дека „казната што му била изречена на жалителот била многу блага”.

Треба да знаете
Последни објави