Заев на Н1: Конечно имаме земја која никој не ја оспорува
„Кога станав премиер, Македонија беше во кавга со сите наши пет соседи, а веќе денес немаме отворени билатерални прашања со соседите, остана само прашањето за црквата, но и за тоа веќе се преземаат одредени чекори, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за регионалната ТВ Н1, во емисијата Пресинг.
Тој, објаснувајќи го процесот на постигнувањето на Преспанскиот договор, уставните измени во Скопје и ратификацијата во Атина, на гледачите во регионот им објасни дека со Грција не се преговарало околу идентитеските прашања и дека останува националниот идентитет на Македонците како Македонци кои говорат македонски јазик, со своја традиција, историја.
– Грција ни го прифати правото на самоизјаснување и никој тоа не може да го измени, дека јас сум Македонец, кој живее на ова територија, рече Заев, додавјќи дека „со тоа никој веќе неможе да ни го оспорува нашето право дека сме Македонци кои зборуваат на македонски јазик.”
Тој со ова оцени дека „конечно имаме земја која никој не ја оспорава, за што се бореле нашите претци”.
Заев посочи дека пресудно влијание и одговорност за постигнувањето на договор со Грција имале пред се политичарите од двете држави, со голема подршка на САД и земјите од ЕУ.
– Еве сега по постигнатите договори со Бугарија и со Грција, на последниот министерски состанок на ЕУ, најголеми поборници за Македонија и за Албанија да добијат проектиран датум за почеток на преговорите, беа токму Бугарија и Грција, изјави Заев.
Тој додаде дека отпорот на постигнатиот договор е исклучително од политилки причини, а доказ за тоа е што „подеднакво опозицијата и во Македонија и во Грција истоветно реагираат”.
– Ние кон крајот на февруари ќе ја добиеме столицата во НАТО, а полноправно членство по ратификација во парламентите на земјите членки на НАТО, кон крајот на оваа или на почетокот на идната година, рече Заев.
Околу спротивставувањата кои доаѓаат од Русија на постигнатиот договор со Грција, македонскиот премиер оцени дека сето тоа е поради членството во НАТО.
– Западот е присутен во Македонија уште од поранешна Југославија, со милијарди евра помош, но одлуките ги носиме ние. Русија е наш пријател, како што ни се пријатели и САД и ЕУ, но ние ги носиме нашите одлуки. Русија е против проширувањето на НАТО и тука е проблемот. Ние сакаме добар однос со Русија и се надевам дека ќе го унапредиме тој однос…, изјави Заев.
Тој додаде дека го разбира ставот на Русија, но над 80 проценти од македонските граѓани се за НАТО и тоа мора да се почитува.
Заев не верува дека Русија ќе се обиде да ја блокира имплеметацијата на договорот со Грција.
Порача дека со постигнатиот договор, лидерите во БиХ, Србија и Косово ќе се охрабрат да ги решат своите проблеми, што е услов за членството во ЕУ и дека ќе станат членки на НАТО, бидејќи не постојат други опции.
– Доколку лидерите престанат да прават калкулации за својот рејтинг и како да останат на власт, тогаш патат државата и народот, констатираше Заев.
Во врска со отворените прашањето на Балканот, Заев одговори дека сите држави се мултиетнички и „наш идеал е да ги отвориме границите, а не да ги прекројуваме, да ги поврзаме народите и да соработуваме, да имаме лесен проток на луѓе и на стоки”.
Во тој контекст, македонскиот премиер го спомна одност меѓу Македонија и Србија, дека народите се братски и дека се подготвува проектот „оне стоп шоп” на границата, за кој разговарал со претседателот Александар Вучиќ на Табановце.
Во врска со идеите за размена на територии во регионот, премиерот Заев рече дека Македонија е многу внимателна и нејзин официјален став е дека сака позитивно решение меѓу Белград и Приштина, кое ќе нуди траен мир, подобра регионална и економска соработка и прогрес кон ЕУ.
– Не им е лесно ниту на Вучиќ, ниту на Тачи, јас тоа го поминав и затоа ги охрабрувам да се потрудат да најдат решение…бидејќи беа три проблеми на Балканот, ние со Грција, БиХ и косовскиот проблем, а сега сите рефлектори се пренасочуваат кон другите два проблеми, рече Заев.
Македонскиот премиеирот говореше и за случајот со бегството на Никола Груевски, споменувајќи меѓу другото дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски пред бегството на Груевски се сретнал со унгарскиот премеирот Виктор Орбан и со српскиот претседател Александар Вучиќ, при што досега нема објавено за што разговарал со нив.
– Истрагата е во тек, ќе објавиме се по нејзиниот завршеток, сите се бориме во регионот да докажеме дека сме пријатели и дека ги почитуваме законите, не дозволивме пријателството со Унгарија да се наруши, но не е фер една членка на НАТО и ЕУ да ни држи ваква лекција…, оцени Заев.
Македонскиот премиер изјави дека не очекува да ја добие Нобеловата награда за мир, додавајќи дека самата номинација е афирмација на Македонија.