Околу 1.700 летови до и од аеродромите во Чикаго се откажани во последните 24 часа поради поларните временски услови кои го зафатија американскиот Среден Запад, а експертите предупредуваат дека студот ги загрозува транспортните операции.
Ова утро температурата на меѓународниот аеродром О’Хер, еден од најпрометните во земјата, достигна 29 степени под нулата, а околу 1.450 летови беа откажани, пишува агенцијата АП.
Во исто време, на меѓународниот аеродром Мидвеј откажани биле 250 лета, а двата аеродрома во Чикаго пријавиле и одложувања на летови за околу 15 минути.
Експертите велат дека таквите ниски температури имаат негативно влијание врз луѓето, опремата и снабдувањето со гориво на аеродромите.
Авиокомпанијата „Јунајтед ерлајнс“ направи шатори во кои се загреваат нејзините вработени на аеродромот О’Хер и ги зачести смените.
Ниските температури, исто така, претставуваат проблем и за железничкиот сообраќај во Чикаго, кој е трет по големина град во САД, објави агенцијата.