Со Договорот од Преспа се отвораат различни трговски и инвестициски можности, економските односи кои постојат, веќе добиваат поинаква динамика, пишува министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис во колумната за неделникот „Finance & Markets Voice”, јави дописничката на МИА од Атина.
– Проширувањето на меѓународните организации во регионот и, пред сè, обединувањето на балканските економии во една единствена европска област, отвора огромни можности за Грција и нејзините соседи, пишува Статакис.
Грчкиот министер како пример ја споменува енергетиката и стремежот на ЕУ за создавање на европски пазат на енергија за кој предуслов е институционална усогласеност на државите и поврзување на енергетските мрежи, а пред сѐ, на мрежите за електрична енергија. Вели дека Грција веќе е поврзана со Италија, се работи на поврзување и со Бугарија, а „сличен проект со соседната земја, ќе придонесе за финализирање на регионалниот пазар”.
Статакис маведува дека енергетскиот пазар, освен електрична енергија во втората фаза ќе вклучува и други производи како што е природниот гас и ги споменува гасоводите EastMed и ΤΑΡ, но и гасоводот што ќе ги поврзува Скопје и Солун.
Сите овие можности, според Статакис доаѓаат со Договорот од Преспа, за кој вели дека одговара и задоволува три цврсти позиции на грчката страна во врска со: името и јазикот, историската реалност и уставните измени, а со тоа „се отвора патот за непречена интеграција на соседната земја во меѓународната заедница”.
Објаснувајќи ги трите грчки барања, министерот за животна средина и енергија на Грција, вели дека во однос на јазикот, „една од областите во кои на крајот на 19 век не беше јасна сликата беше соседната земја”.
– Бугарија оспоруваше дека се говори различен словенски македонски јазик, инсистирајќи на тоа дека станува збор за бугарски дијалект. Загрижена дека непостоењето на различен јазик ја поддржува идејата за „Голема Бугарија”, грчката страна со децении поддржуваше дека јазикот е различен и ова не се промени дури и поствоено. Решението предвидено во договорот целосно појаснува дека јазикот на соседната земја е токму тој и обезбедува сложено име со географска одредница, пишува грчкиот министер во колумната за неделникот „Finance & Markets Voice”, пренесе МИА.
Статакис објаснува дека за да нема загриженост за одново одредување на границите на Балканот или за нивно оспорување, „неопходни беа уставните измени во соседната земја, предвидени со договорот”.