Шпанската полиција уапси примач на голема пратка кокаин во товарен контејнер во Барселона со помош на италијанските власти, соопштија денеска официјални лица.
Операцијата, во која учествувале истражувачи и царински службеници од двете земји, доведе до одземање на повеќе од 2,7 тони дрога, најголемо количество во Италија во изминатите 25 години.
Италијанската финансиска полиција соопшти дека организираната криминална мрежа и припаѓа на групата под назив „Заливски клан”, која е активна во неколку европски пристаништа за примање дрога за продажба на европски пазар.
Полицијата прво запленила 644 килограми кокаин вреден 130 милиони евра сокриен во вреќи од кафе од Хондурас на 15 јануари на пристаништето Ливорно, објави италијанската полиција претходно оваа недела.
Потоа, на 23 јануари истражители пронајдоа 2,1 тони чист кокаин испратен од колумбиското пристаниште Турбо во Барселона, а според шпанската национална полиција пронајден е во 1.801 блок во контејнер, кој е пријавен како празен.
Полковникот Маурицио Синтура од италијанската финансиска полиција изјави дека властите ја пресретнале пратката и брзо го замениле кокаинот со сол пред да го испратат во Барселона, со цел да и помогнат на полицијата да го уапси 59-годишниот Шпанец, кој требал да го прими.
Шпанската полиција наведува дека користењето на наводно празни контејнери е нова техника, која ја користат криминални организации.